Формиран Меѓуопштински одбор за управување со отпад

Ппштините од Пелагонискиот и Југозападниот регион официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), создавајќи формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад. Со ова, државата прави значаен чекор кон воведување модерен, координиран систем по европски стандарди.

На настанот се обратија Златко Перински, министер за локална самоуправа, Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, Игор Никовски, директор на Управата за животна средина, како и Лена Фалкон, програмски директор во SALAR International. Веднаш по обраќањата беше свечено потпишан договорот за воспоставување на МОУО.

„Со формирањето на МОУО се преминува од досегашните фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира со подобра организација, поефикасно користење на ресурсите и поквалитетни услуги за граѓаните,“ истакнаа градоначалниците од двата региона.

Новоформираното тело ќе има обврска да усвојува регионални планови за управување со отпад, да ги одобрува клучните инвестиции во инфраструктурата, да координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии, како и да го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО). МОУО исто така ќе обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот.

Процесот се реализира во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, поддржан од Шведска и имплементиран од SALAR International, со цел воспоставување стабилен, отчетен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани