Во пријатна, весела и исполнета атмосфера, во Охрид Мол успешно се одржа „Денот на миленичињата“, настан кој привлече голем број посетители заедно со своите домашни миленици.
Настанот помина во знакот на дружење, забава и љубов кон животните, а учество зедоа триесеттина пријавени миленици, за кои беа обезбедени подароци од Royal Canin. Посетителите имаа можност да уживаат во разиграна атмосфера и позитивна енергија, што уште еднаш покажа дека ваквите настани се повеќе од добредојдени во Охрид.
Беше изведена и прекрасна поучна детска театарска претстава.
Во рамки на програмата беа доделени и две награди – една за куче и една за маче. Посебно внимание и симпатии освои единственото пријавено маче – Kyan, старо 3,5 месеци, кое заслужено доби награда и ги разнежни сите присутни.


Поддршка на настанот дадоа и активистите од Suzans Rescue Dog House, кои порачаа дека ваквите настани се повеќе од потребни во градот, потенцирајќи дека е неопходна континуирана едукација на најмладите за грижа и љубов, не само кон домашните, туку и кон уличните кучиња и мачиња.
Задоволство од одржувањето на настанот изрази и сопственикот на Pet Shop Serena – Ohrid, Љупчо Домазетоски, кој истакна:
„Многу сме задоволни од овој настан, кој привлече навистина големо внимание. Се надеваме дека и во иднина ќе има вакви настани кои ја зголемуваат свеста кај граѓаните. Грижата кај граѓаните денес е на многу повисоко ниво во однос на минатото, но едукација никогаш не е доволно.“
Со слична порака се надоврза и Маја Коваческа, која нагласи:
„Почесто треба да има вакви настани во Охрид, каде што дечињата ќе се запознаваат со грижата за милениците, ќе учат да помагаат, да сакаат да вдомуваат, но и да ги спасуваат најранливите – а тоа се напуштените кучиња и мачињата на улица.“
Своја порака упати и активистката Сузан Сулејман, која потенцираше дека ваквите активности треба да се прошируваат и во образовните институции:
„Овие настани треба да се организираат и во училишта, особено кај малите деца, за да растат со љубов, да учат да сакаат и да вдомуваат.“















