Беседата под шифра „Тивериопол“ е избрана за најдобра на Конкурсот за избор на беседа посветена на големиот поет и преродбеник Григор Прличев за 2026 година, соопштија од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Во конкуренција од вкупно 17 пристигнати беседи, тричлената комисија едногласно ја донела одлуката, оценувајќи ја вкупната уметничка, јазична и естетско-етичка вредност на трудовите. Конкурсот, кој годинава се организира по четврти пат, се одржа на тема „По песната птиците се разликуваат“, една од мислите што Прличев често ја користел во своите беседи пред охриѓани.
Од Библиотеката информираат дека во наредниот период се очекува да биде откриен идентитетот на авторот, по соодветна потврда на податоците и авторството на беседата.
Со овој традиционален конкурс, НУ Библиотека „Григор Прличев“ има за цел да го поттикне творештвото кај младите луѓе и да ги охрабри да пишуваат креативно, збогатувајќи го сопствениот литературен израз.
На авторот на најдобрата беседа, во почетокот на февруари, во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, ќе му биде доделена парична награда од 9.000 денари, како и признание со ликот на Григор Прличев.
Право на учество на Конкурсот имаа млади автори на возраст од 15 до 35 години од Република Северна Македонија.
