Две години посветена работа – Здружение на љубители и поддржувачи на НП Галичица

Две години активно делување на терен, бројни акции за расчистување на отпад и постојана борба за поголема заштита на природата – Здружението на љубители и поддржувачи на Националниот парк „Галичица“ волонтерски работи на унапредување на природните вредности на паркот. И покрај напредокот, дивоградбите и дивите депонии и натаму остануваат едни од најгорливите проблеми со кои се соочува Националниот парк „Галичица“.

Ова беше истакнато на одбележувањето на двегодишнината од постоењето и делувањето на Здружението, кое во изминатиот период реализираше низа активности насочени кон заштита на паркот и подигнување на јавната свест. Од Здружението посочуваат дека значаен придонес во заштитата има и локалното население, без чие активно учество процесот би бил невозможен.

„Сметавме дека локалното население, од околу 6.000 жители, мора да биде неизоставен фактор во соработката со Националниот парк ‘Галичица’. Затоа, уште две години пред официјалниот почеток на работата започнавме соработка со локалните жители. Тие се преструктурираа кон туризам, апартманско сместување, етно-ресторани и производство на домашни производи, така што соработката е подигната на навистина високо ниво. Станува збор за свесни луѓе кои даваат огромен придонес во заштитата и унапредувањето на Националниот парк ‘Галичица’. Во изминатите години реализиравме повеќе од 20 еко-акции за собирање кабаст отпад и учествувавме во гасење пожари, како на територијата на паркот, така и на планините Плакенска и Линска“, вели Ѓуро Јовчевски, претседател на Здружението на љубители и поддржувачи на НП „Галичица“.

Плановите на Здружението се проширување на членството и зголемување на бројот на волонтери, бидејќи покрај еколошките акции, тие активно учествуваат и во гасење пожари на отворен простор, каде што е потребна навремена реакција и добра опременост.

„Тука е и компанијата ‘Армор Плус’ од Скопје, која донираше над 20 заштитни одела и чизми за нашите волонтери. Покрај тоа, располагаме со прскалки, маски и друга лична заштитна опрема. Во догледно време ни е потребно и возило за интервенции при пожари и за собирање отпад. Се финансираме исклучиво самостојно, преку сопствени средства и поддршка од поединци и правни лица. Нашата сметка е транспарентна и отворена за увид“, додава Јовчевски.

Здружението на љубители и поддржувачи на НП „Галичица“ денес брои околу 50 активни членови, а на располагање има и дополнителна логистика – камиони, механизација, трактори и возила, кои се користат при интервенции и еколошки акции на терен.

Новинар Соња Рилковска

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани