Младиот и исклучително успешен каратист Дамјан Митревски од Охрид ќе ги брани боите на Македонија на Европското првенство во карате, кое ќе се одржи од 6 до 8 февруари во Лимасол, Кипар.
Митревски е роден на 15 јули 2009 година во Скопје, а веќе 11 години е активен член на карате клубот Кун-Су-То – Охрид. Последните седум години е редовен репрезентативец на Македонската карате федерација, со зад себе импресивна спортска биографија.
Преку спортот, како што истакнува, изградил високо ниво на дисциплина, одговорност, упорност и тимска работа, а неговата посветеност е потврдена со врвни резултати на домашни, државни, меѓународни, балкански и светски натпреварувања.
Дамјан е шесткратен државен првак на Македонија во својата категорија, двапати вице-шампион на Балканот, а досега има освоено над 70 медали – златни, сребрени и бронзени. Во 2025 година беше избран за втор најдобар кадет во машка конкуренција во Македонија, како и за Охридска спортска надеж (мажи).
Во 2024 година учествуваше на Светско првенство, а во 2025 година настапи на Младинската светска лига во Венеција, Италија, каде оствари две победи и еден пораз.
По последното освојување на титулата државен првак на Македонија во категорија јуниори до 55 килограми, Митревски интензивно се подготвува за настапот на Европското првенство, со голема мотивација и надеж за нов спортски успех.
