Документарниот филм „Приказната за Силјан“ – премиерно во Охрид

Визуелно силниот и медитативен документарен филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, ќе има премиерна проекција во НУЦК „Григор Прличев“ во среда, 11 февруари 2026 година, со почеток во 20:00 часот. Цената на билетот е 200 денари.

Филмот е откупен и дистрибуиран од National Geographic Documentary Films, што претставува уште едно големо меѓународно признание за македонската документаристика.

Приказната нè води во срцето на рурална Македонија, каде земјоделецот Никола, притиснат од новите државни политики, случајно пронаоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, но постепено изграден однос прераснува во спасоносна врска што му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и длабокиот однос кон природата.

Филмот е дело на меѓународна екипа: кинематографијата е на Jean Dakar, монтажата на Мартин Иванов, музиката на Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од Hans Zimmer Studio, додека продукцијата ја потпишуваат Ciconia Film, Concordia Studios и The Cornershop.

Во филмот настапуваат Никола Цонев и неговото семејство, како и жители од локалната заедница, а времетраењето е 80 минути.

Билети може да се купат на билетарата на Центарот за култура, која работи секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, како и од 13:00 до 20:00 часот на денот на проекцијата.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани