Во Охрид, на 12 февруари 2026 година (четврток), ќе се одржи премиерна проекција на документарниот филм „К-15: Од другата страна“ – првиот документарец што ја раскажува приказната зад најголемиот хумористичен феномен во Македонија, легендарните К-15.
Со оваа проекција, во рамки на програмата Кино „Четврток“, охридската публика ќе има можност да проследи филм кој преку искрени разговори, внимателно избрани архивски материјали и гласови од различни генерации реконструира една значајна културна епоха и го отвора прашањето за влијанието на сатирата врз општеството.
Проекцијата ќе се одржи во Филмски институт ФИОФА – Охрид, при Универзитет „Св. Апостол Павле“, со почеток во 20:00 часот, додека вратите ќе бидат отворени од 19:30 часот. По започнувањето на проекцијата, вратите ќе бидат затворени.
Филмот е во продукција на BDG Agency и Good Mood Media, директор на фотографија е Илија Жоговски, а режијата и сценариото се на Илија Ико Каров.
Од Културолошка иницијатива 5 до 12 информираат:
„Овој филм е обид да се раскаже приказната за К-15 од една поинаква перспектива – не само како телевизиски феномен, туку како културен маркер што ја одбележа една цела генерација и остави трага во општествениот развој.“
Влезницата изнесува 200 денари, а местата се ограничени. Картите може да се набават на влезот или со претходна резервација преку директна порака на социјалните мрежи на Културолошка иницијатива 5 до 12.
Настанот е во организација на Културолошка иницијатива 5 до 12.
