„Охридско лето“ првпат добитник на престижната награда „Да за уметноста“

Националната установа Охридско лето е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција. Признанието е доделено како потврда за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација во земјава.

Со оваа награда, фестивалот уште еднаш ја потврдува својата репутација како центар на врвната уметност, обединувајќи класична музика, театар и современи уметнички форми во програма со силна меѓународна препознатливост.

Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, изјави директорот Ѓорѓи Цуцковски.

Според него, ваквите признанија претставуваат дополнителен мотив за вложување во содржини со високи уметнички стандарди, со ангажман на светски реномирани имиња, но и со поддршка на најдобрите домашни уметници.

Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија што ги добиваме од меѓународните институции и ќе ја оправда довербата на публиката и културната јавност“, додава Цуцковски.

Наградата „Да за уметноста“ претставува уште едно меѓународно признание за фестивалот кој со децении е симбол на културниот идентитет на Охрид и Македонија.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани