Општина Охрид објави Јавен повик за финансирање на проекти од локален интерес во рамки на областа „Културата расте со децата“, наменета за деца на возраст од 3 до 12 години.
Предмет на повикот е доделување финансиска поддршка за реализација на проекти од областа на културата и креативното творештво, кои ќе се реализираат на територијата на Општина Охрид и се прилагодени на возраста и развојните потреби на децата.
Целта на повикот е да се поттикне и унапреди културниот развој кај најмладите преку создавање квалитетни, безбедни и достапни културно-образовни содржини. Со поддршката на вакви иницијативи, Општината има намера да го зајакне креативното размислување, активното учество и изразување на децата преку литература, театар, музика, визуелни уметности, мултимедијални форми и современи интерактивни пристапи. Посебен акцент се става и на развојот на читачката култура и љубовта кон книгата уште од најрана возраст.
Право на учество
Право на учество на Јавниот повик имаат:
-
здруженија на граѓани и фондации;
-
културни, образовни и уметнички организации;
-
институции од областа на културата и образованието;
-
физички лица – автори, уметници, педагози, едукатори и други културни работници
кои предлагаат и реализираат програми и проекти наменети за деца од 3 до 12 години.
Апликантите треба да поседуваат релевантно искуство, стручни капацитети и програмска ориентација во областа на културата, уметноста и образованието за деца. Овие услови се докажуваат преку апликациската документација доставена во рамки на повикот.
Со овој повик, Општина Охрид испраќа јасна порака дека вложувањето во културата за деца претставува инвестиција во иднината на заедницата.
