Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде – во домот, на улица, на училиште, на работното место или во природа. Во такви ситуации, правилното укажување прва помош може да значи спасување човечки живот.
Под мотото „Првата помош спасува животи“, Црвен крст Охрид на 17 април 2026 година (петок), во периодот од 08:00 до 15:00 часот, ќе го организира традиционалниот, 52-ри по ред Општински натпревар по прва помош.
На натпреварот ќе учествуваат повеќе од 200 ученици од основните и средните училишта од Охрид и Дебрца, кои ќе ги демонстрираат своите знаења и вештини за укажување прва помош. Натпреварувачите ќе бидат организирани во екипи во категориите подмладок и младина.
И оваа година ќе се применуваат критериуми и стандарди усогласени со европските натпревари по прва помош. Граѓаните ќе имаат можност да проследат симулирани сценарија на несреќи на повеќе локации во централното градско подрачје, меѓу кои и Кеј Македонија и Билјанини Извори.
Симулациите ќе бидат изведени од актерските групи на Црвениот крст, со реалистички приказ на повреди, подготвени од специјално обучени шминкери.
За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите ќе се грижат 20 судии за прва помош од Црвен крст Охрид.
