Левица со иницијатива за спомен-обележје на Атина Бојаџи во Охрид

Политичката партија Левица поднесе иницијатива до Советот на Општина Охрид за донесување одлука за изградба на спомен-обележје во чест на истакнатата охридска и македонска спортистка Атина Бојаџи.

Иницијативата е поднесена согласно законските одредби и статутарните акти на Општина Охрид, а во неа се потенцира значењето на Бојаџи за македонскиот спорт и нејзините врвни достигнувања.

Во образложението се наведува дека Атина Бојаџи уште на 11-годишна возраст ги соборила сите пливачки рекорди, а во текот на кариерата двапати била светски првак во маратонско пливање на слатки води, вклучително и на Охридскиот маратон во 1962 година.

Особено се истакнува нејзиниот подвиг на опасниот маратон Саида – Бејрут, каде од 23 натпреварувачи само таа и уште еден пливач успеале да стигнат до целта.

Истата година, на маратонот Капри – Неапол, Бојаџи станала светски првак на солени води, а како врв на нејзината кариера се посочува подвигот од 1969 година, кога го препливала каналот Ламанш.

Од Левица сметаат дека со оглед на нејзините исклучителни спортски успеси, Охрид има обврска да ѝ оддаде трајно признание, преку поставување спомен-обележје.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани