Општинската организација на СДСМ во Охрид излезе со реакција по најавите за зголемување на цените на услугите на јавните претпријатија, при што оценуваат дека товарот не треба да паѓа врз граѓаните.
Во соопштението се наведува дека зголемувањето на платите на работниците е оправдано, но се поставува дилемата кој треба да ја преземе таа обврска.
„И ние се согласуваме, ДА платите на работниците мора да растат. Тоа не е спорно, но прашањето е – кој навистина треба да ја понесе таа обврска? Дали тоа треба да биде општината… или повторно граѓаните преку нови и нови поскапувања?“, се вели во реакцијата.
Од СДСМ посочуваат дека со предложените измени се предвидуваат зголемувања на повеќе услуги, меѓу кои:
- паркинг за 30%
- гробарина за 50%
- комунални услуги за 30%
Според нив, станува збор за услуги кои се дел од секојдневниот живот на граѓаните.
„Сите овие услуги не се луксуз. Тие се основни, секојдневни потреби… режиски трошоци кои директно го погодуваат секое семејство“, наведуваат од партијата.
Во реакцијата се додава дека, наместо зголемување на цените, потребно е подобро управување со ресурсите.
„Наместо рационализација, подобро менаџирање и одговорно трошење на буџетските средства, добиваме најлесно решение – покачување на цените“, стои во соопштението.
Од СДСМ порачуваат дека платите треба да растат, но тоа не смее да биде исклучиво на товар на граѓаните, додавајќи дека општината треба да изнајде одржливи решенија.
