Во пресрет на утрешниот централен настан по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, СВР Охрид реализираше повеќе активности со вклучување на граѓаните и институциите.
На планинскиот масив Галичица, во соработка со Планинарската спасителна служба Охрид, беше организирана ферата рута. Полициски службеници, по претходна кратка обука за користење на ферата сет и безбедносниот систем, заедно со спасителите се искачуваа по обезбедена патека користејќи челични сајли, железни клинови и друга опрема.
Оваа активност е дел од придружните манифестации со кои се одбележува празникот на полицијата

На градското пристаниште во Охрид, Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ одржа отворен ден, на кој граѓаните имаа можност одблиску да ги разгледаат пловните објекти, како и опремата со која работи езерската полиција.
Во рамки на активностите, децата од градинката „Јасна Ристеска“ ја посетија полициската станица во Охрид, каде се запознаа со дел од работните простории, полициските возила и опремата што се користи во секојдневната работа.
Централниот настан на подрачјето на СВР Охрид ќе се одржи утре, 7 мај, со прием за претставници на локалната самоуправа од Охрид и Дебрца, како и за претставници на државни институции, активни и пензионирани полициски службеници.
Во рамки на свеченоста, ќе биде прогласен најдобриот полицаец, а ќе биде организирана и пригодна изложба со дела изработени од најмладите.
