9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, со светли букви е запишан во историјата на Македонија како ден кога, заедно со прогресивните сојузнички сили, беше поразен фашизмот во Европа. Овој историски настан трајно се вгради во темелите на македонската државност и слободарска традиција.
Централната свеченост по повод 9 Мај се одржа во Струга, каде што пред споменикот на паднатите борци од НОБ во центарот на градот беше положено свежо цвеќе, во организација на Општинската организација на Сојузот на борците од Струга. Делегацијата беше предводена од претседателот на Сојузот на борците на Македонија за Струга, Ајредин Мемеди.
На свеченоста присуствуваа и претставници на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, како и претставници на општинските организации на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, почитувачи на делото на Јосип Броз Тито, делегација на Здружението на пензионери од Струга предводена од претседателот Минир Мамуди, претставници на АРМ од гарнизонот во Кичево, невладини организации, училишта, месни заедници и бројни граѓани од Струга и Струшко.
На свеченоста се обрати претседателот на Сојузот на борците за Струга, Ајредин Мемеди, кој истакна дека придобивките од антифашистичката борба претставуваат траен завет и темел на македонската државност.
„Нашата борба беше и остана дел од државотворните процеси што се стремат кон прогресивни, демократски и хумани цели во меѓународната заедница. Поклонувајќи се пред жртвите и борците, се поклонуваме и пред Македонија, пред нејзиниот придонес кон цивилизацијата и слободата“, рече Мемеди.
Тој нагласи дека изборот на македонскиот народ, заедно со другите народи, бил Македонија да биде создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, без исклучок.
„Држава на сите и за сите“, порача Мемеди.
Стојан Кукунешоски
