Учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ постигнаа значајни успеси на Државниот натпревар за средни електротехнички, машински и сообраќајни училишта, кој се одржа на 8 и 9 мај во Кавадарци.
Со освоени први, втори и трети места, како и повеќе пофалници, учениците уште еднаш го потврдија квалитетот на стручното образование и својата посветеност во различни области од електротехниката, машинството и сообраќајот.
Во профилот „Електроника и телекомуникации“, Димитар Шерементоски го освои првото место, додека Ангелина Симиџиоска освои второ место во категоријата „Техничар за индустриска мехатроника“.
Пофалници добија Христијан Белески во категоријата „Електротехничар енергетичар“ и Ксенија Димоска во „Електротехничар за компјутерска техника и автоматика“.
Во машинската и сообраќајната струка, Христина Василевска и Ангела Божиноска освоија трети места, додека Бојана Илиеска се закити со второ место. Пофалници добија и Стефан Димитриески и Сара Божиноска.
Особено признание учениците добија и за трудови од струката – КТИА. Со пофалници беа наградени проектите „АИ базирана верзија на паметна соба“, изработен од Јана Кузманоска, Марко Попоски и Александар Стојаноски, како и проектот „Транспортен систем за автоматско препознавање и сортирање на предмети според боја“, зад кој стојат Андреа Савиќ, Славчо Мургоски и Кети Јоноска.
Од училиштето упатија честитки до сите ученици и ментори за успешното претставување и постигнатите резултати, истакнувајќи дека тие се гордост на училиштето и доказ дека знаењето, упорноста и тимската работа носат успех.


