ЈП „Билјанини Извори“ Охрид започна со интензивни пролетни активности за подготовка и уредување на тревнатите површини, со цел подобрување на условите на спортските и рекреативните терени.
Од претпријатието информираат дека е извршена механичка обработка и длабинско проветрување на почвата на повеќе од 20 сантиметри, со што се овозможува подобра аерација и природна размена на гасови.
Во рамки на активностите било спроведено и пресејување со квалитетна тревна смеса, прихрана со комплексно гранулирано ѓубриво, како и фолијарен третман со современи стимулатори за раст, PH стабилизатори и биолошки препарати на база на Ecklonia maxima и Bacillus subtilis.
„Целта е јасна – здрав, густ и отпорен тревник со силен коренов систем подготвен за летниот период“, посочуваат од ЈП „Билјанини Извори“.
Во финалната фаза е реализиран и процес на топ-дресинг, односно песочење, со што дополнително се подобрува структурата на површината и се обезбедува подобар контакт на семето со почвата.
Од претпријатието додаваат дека и понатаму ќе продолжат со вложувања во квалитетот и одржувањето на спортските и рекреативните површини во Охрид.


