Дивата депонија во Струга, која со години претставува сериозен еколошки и здравствен проблем, беше во фокусот на отворената дискусија со граѓаните што вчера се одржа во просториите на здружението „Аква“, во организација на Замисли и Солуција.
Граѓаните на Струга посочија дека депонијата веќе две децении претставува „темпирана еколошка и здравствена бомба“, со која секојдневно живеат жителите на градот и околните населени места.
На трибината беше истакнато дека, откако домашните судови се прогласиле за ненадлежни, случајот стигнал и до Европски суд за човекови права, кој ја прифатил тужбата поднесена од адвокат од Струга и Македонско здружение на млади правници и ќе расправа по неа.
Организаторите информираат дека отворените дискусии „Кажи си ја маката“ имаат цел не само да ги слушнат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, туку и преку партнерските мрежи на „Замисли“ и „Солуција“ тие прашања да бидат адресирани до надлежните институции, со барање конкретни решенија.
Вакви трибини досега биле организирани и во Струмица, Штип, Велес, Тетово и Прилеп.

