Мицкоски, Јаневска и Пецаков во увид на реконструкцијата на гимназијата

Со инвестиција од околу 100 милиони денари, реконструкцијата на охридската гимназија влегува во завршна фаза. Увид во градежните работи денес извршија премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Според Пецаков, досега се реализирани повеќе градежни зафати, меѓу кои уредување на дворот и партерот околу училиштето, замена на внатрешната и надворешната дограма и реконструкција на покривот, додека во последната фаза ќе следуваат реконструкција на подовите, спортската сала и фасадата.

„Продолжуваме со динамиката на реализација на сериозни капитални инфраструктурни проекти на територијата на Општина Охрид. Денес имавме можност да извршиме увид во реконструкцијата на охридската гимназија, каде вкупната инвестиција изнесува околу 100 милиони денари“, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Тој нагласи дека по завршувањето на сите предвидени активности, охридската гимназија ќе стане последното средно училиште во Општина Охрид што ќе биде целосно реконструирано.

„Во завршната фаза ќе се реконструираат подовите во целото училиште, спортската сала и фасадата. Со тоа ќе го добиеме и последното средно училиште во Општина Охрид кое ќе биде целосно реконструирано и ќе обезбеди современи услови за учениците“, рече Пецаков.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека Владата продолжува да инвестира во подобрување на условите во образованието.

„Работиме за младите и им овозможуваме подобри услови, секако и на нивните наставници, кои се клучна карика во образовниот систем, за стекнување повеќе знаење, повеќе вештини и повеќе компетенции. Нашата цел е младите да останат тука и во иднина да го развиваат Охрид, а се надевам и државата“, изјави министерката Весна Јаневска.

По увидот во реконструкцијата на гимназијата, владината делегација ја посети и улицата „Кленоец“, каде што во тек е целосна реконструкција на комуналната инфраструктура.

„Со заедничка инвестиција на Владата и Општина Охрид од околу 83 милиони денари, на улицата „Кленоец“ целосно се реконструираат водоводната и канализациската мрежа, атмосферската канализација, коловозот и тротоарите. Ова беше улица на која често се случуваа дефекти во водоводната мрежа, а со реконструкцијата граѓаните ќе добијат современа инфраструктура“, изјави градоначалникот Пецаков.

Реконструкцијата на охридската гимназија е дел од поширокиот инвестициски циклус за модернизација на образовната инфраструктура, а по завршувањето на сите активности учениците и наставниот кадар ќе добијат целосно обновен и современо опремен училиштен објект.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани