Охрид – живо наследство: Нишките што ја чуваат традицијата – приказната на семејството Шикалески

Потребни се само неколку тенки сребрени нишки, мирна рака и многу трпение за од обичното парче метал да се роди вистинско уметничко дело. Така со векови се создава филигранот – еден од најпрепознатливите симболи на Охрид и едно од највредните богатства на македонското занаетчиство. Денес оваа вековна традиција продолжува да живее во рацете на семејството Шикалески.

Во нивното ателје во срцето на Охрид времето како да тече поинаку. Просторот е исполнет со уникатни филигрански изработки, внимателно обликувани од најтенките сребрени нишки, а посебен сјај им дава македонскиот рубин – редок природен камен што на секое дело му подарува автентичност. Секое парче накит е единствено. Зад него стојат часови посветена работа, вешти раце, прецизни движења и љубов кон занаетот што не дозволува брзање.

Приказната на Павлина и Петар Шикалески е посебна. Филигранот не им бил оставен во наследство. Не пораснале во семејство на филигранисти, ниту тајните на овој сложен занает ги научиле од своите предци. Тие сами го избрале својот животен пат. Со огромна љубов, истрајност и желба да создаваат, чекор по чекор ги совладувале тајните на една од најсложените занаетчиски техники. Со години учеле, експериментирале, усовршувале и вложувале бескрајно трпение, сè додека филигранот не станал нивниот препознатлив печат.

За Павлина сè започнало од љубовта кон рачната изработка. Она што било љубопитност, со текот на времето прераснало во животна определба. Заедно со сопругот Петар создадоа работилница во која традицијата не се чува само како спомен на минатото, туку секојдневно се создава одново.

Најголемото богатство на семејството Шикалески не се само нивните уникатни дела, туку и фактот што љубовта кон филигранот успешно ја пренесуваат на своите деца. Денес и тие се дел од работилницата, растејќи покрај сребрените нишки, алатите и мајсторските раце на своите родители. Така, знаењето што било стекнато со многу труд и посветеност денес продолжува да живее низ новата генерација, која ќе го чува и ќе го развива ова вредно културно наследство.

Посветеноста и квалитетот на нивната работа одамна ги надминаа границите на Македонија. PS Filigree минатата година беше единствениот претставник од Македонија на престижната Milano Jewelry Week, каде меѓу повеќе од 200 еминентни дизајнери, реномирани галерии и музеи за накит од целиот свет ги претставија своите уникатни филигрански изработки декорирани со македонски рубин. Тоа беше признание не само за нивното мајсторство, туку и за вековната традиција што ја носат со себе.

За семејството Шикалески филигранот е животна определба, постојано учење и создавање. Секоја нова изработка е продолжение на една стара приказна, а секоја испреплетена сребрена нишка е доказ дека традицијата може да живее и во современото време кога зад неа стојат луѓе подготвени да ѝ го посветат својот живот.

Во време кога многу стари занаети полека исчезнуваат, семејството Шикалески покажува дека наследството не се чува само така што ќе го наследиме. Тоа се чува кога ќе го засакаме, ќе го научиме и ќе го пренесеме понатаму.

Додека во нивната работилница внимателно се испреплетуваат тенките сребрени нишки, незабележливо се испреплетуваат и минатото и иднината. Во секое ново дело живее духот на вековниот охридски филигран, но и надежта дека оваа уметност ќе продолжи да блеска и во генерациите што доаѓаат. Благодарение на семејството Шикалески, филигранот не останува само дел од историјата – тој е живо наследство што и денес се создава со љубов, трпение и вешти човечки раце.

Текстот е изработен во рамките на проектот „Охрид – живо наследство“, чија цел е промоција и зачувување на културното и традиционалното наследство на Охрид преку афирмација на луѓето кои со својата работа ја одржуваат живата традиција на градот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани