Охрид со повеќедневна културна и свечена програма ќе го одбележи големиот национален празник Илинден – 2 Август.
Одбележувањето започнува на 1 август со традиционалната културна манифестација „Ноќ спроти Илинден“, која ќе се одржи во 20:30 часот кај споменикот на Илинденците во село Велгошти. Предвидено е полагање цвеќе пред спомен-обележјето, обраќање на претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, како и богата културно-уметничка програма. Публиката ќе има можност да го проследи драмскиот перформанс „Македонија ќе роди нови борци, вие ќе живеете во срцата наши“, настапот на охридскиот женски квартет „Harmonix“, а вечерта ќе заврши со концерт на Јована Богданоска.
Централното одбележување на Илинден ќе се одржи на 2 август. Во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјето на Илинденците во Градскиот парк, а во 10:20 часот и кај Прентов мост.
Во 11 часот, во селото Плаќе, ќе се одржи историски час, по што ќе следува културно-уметничка програма и настап на музичката група „Премиера бенд“.
Прославата ќе заврши вечерта во 21 часот со традиционалната Илинденска вечер во Елшани, каде ќе настапат Перчо Матлиески и Анастасија Митровска.
