Во екот на летната туристичка сезона, Управата за јавни приходи ги засилува активностите за поттикнување на доброволното пријавување на приходите и обезбедување фер услови за работа во туризмот.
Во фокусот на контролите се приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети – апартмани, станови, куќи, викендички и соби, како и од други сезонски туристички дејности.
Од УЈП информираат дека ќе спроведуваат повеќе паралелни активности, меѓу кои објавување насоки за пријавување на доходот, директна комуникација со даночните обврзници, размена на податоци со други институции, ризично базирани анализи и насочени контроли, како и информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.
Управата потсетува дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи и ги повикува сите кои остваруваат ваков доход навремено да ги исполнат своите даночни обврски.
Од УЈП нагласуваат дека целта не е само санкционирање, туку и поддршка на граѓаните за правилно исполнување на даночните обврски, со што се обезбедува фер конкуренција и еднакви услови на пазарот. Истовремено, најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со ризично базирани анализи и контроли за спречување на нелојалната конкуренција во туристичкиот сектор.
