Охрид – живо наследство: Боите што го чуваат Охрид – приказната на Танко Саревски и Ирена Заневска

Во едно  колоритно катче во старото градско јадро на Охрид, боите никогаш не мируваат. На платно, стакло и витраж секој ден се раѓаат нови приказни, а меѓу мирисот на боите и тишината на ателјето, Танко Саревски и Ирена Заневска речиси три децении го создаваат својот препознатлив свет. Нивните дела ги запираат туристите, ги привлекуваат љубителите на уметноста и ги потсетуваат охриѓани дека градот може да се раскаже и преку четка.

Во нивната галерија се среќаваат различни уметнички изрази – од апстрактна уметност до безвременските мотиви на Охрид. Старите куќи, калдрмите, црквите и езерото се претвораат во дела што ја чуваат меморијата на градот. Сликаат со масло на платно, создаваат витражи, работат на стакло и изработуваат уникатни сувенири, а секое дело носи дел од духот на Охрид.

За Танко Саревски љубовта кон сликарството започнала уште во детството. Првите потези со четката ги направил покрај својот стрико – еден од најпознатите југословенски академски сликари, чии дела и денес се дел од значајни институции. Подоцна следувале Академијата за ликовна уметност, бројни изложби низ Европа, Азија и Америка, но и признанија кои го потврдиле неговиот авторски печат.

Особено место во неговото творештво имаат ротирачките слики – уникатни уметнички дела поставени на механизам што овозможува нивно вртење во четири насоки. Со секое завртување се открива нов мотив и нова приказна, а едно дело станува четири различни композиции. Токму оваа оригинална идеја му ја донесе престижната златна медалја во Брисел и го направи препознатлив и надвор од границите на Македонија.

Речиси триесет години Танко и Ирена создаваат заедно, надополнувајќи се во секој сегмент од творештвото. Додека Танко ја истражува сликата како уметнички експеримент, Ирена својата инспирација ја пронаоѓа во витражот и во играта на светлината низ обоеното стакло.

Нејзините витражи се вистински прозорци кон стар Охрид. На нив оживуваат старите охридски куќи, црквите, калдрмите и архитектурата зачувана на старите фотографии. Таа веќе дваесет и пет години ја усовршува оваа техника, создавајќи дела што кај многумина будат силни емоции.

Најголемата награда за двајцата не се признанијата, туку реакциите на луѓето што ги посетуваат. Многумина од нив се иселеници кои со години живеат далеку од родниот град. Кога ќе ги препознаат охридските мотиви во нивните дела, велат дека за миг повторно се чувствуваат како дома.

Нивните слики, витражи и уметнички предмети одамна ги надминаа границите на Охрид. Денес се наоѓаат во приватни колекции и галерии ширум светот, а зад секое дело останува препознатливиот печат на двајца уметници кои целиот свој живот му го посветиле на творештвото.

Во време кога светот сè повеќе се потпира на брзината и масовното производство, Танко Саревски и Ирена Заневска потсетуваат дека вистинската уметност бара време, трпение и душа. Нивните дела се сведоштва за еден град, за неговата историја и за луѓето што знаат како преку боите да го зачуваат неговиот дух.

Текстот е изработен во рамките на проектот „Охрид – живо наследство“, чија цел е промоција и зачувување на културното и традиционалното наследство на Охрид преку афирмација на луѓето кои со својата работа ја одржуваат живата традиција на градот.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани