Вандалски чин ги потресе жителите на струшкото село Боровец, откако на 29 јули 2026 година беа искршени 13 надгробни споменици на селските гробишта во кругот на црквата „Света Богородица“.
Според информациите со кои располага OhridNet.com, случајот бил пријавен во Одделението за внатрешни работи во Струга. Мештаните, пак, реагираат дека надлежните екипи доцнеле со излегувањето на терен за да извршат увид.
Фотографиите од местото сведочат за големи оштетувања. Искршени се мермерни надгробни плочи, превртени се повеќе споменици, а на дел од гробовите се предизвикани значителни материјални штети.
Жителите на Боровец го осудуваат вандалскиот чин и бараат институциите што побрзо да ги откријат сторителите и да преземат мерки за заштита на гробиштата, за да не се повторат вакви немили настани.
Од полицијата се очекува по извршениот увид да ги утврди сите околности и мотивите за овој чин.








