Охрид утре ќе биде домаќин на 39-то издание на Охридскиот пливачки маратон, кој ќе се одржи на добро познатата патека „Климе Савин“, во должина од 25 километри. На маратонот ќе учествуваат 16 пливачи од осум држави – Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.
Во машка конкуренција ќе настапат 11, а во женска пет пливачи. Вкупниот награден фонд изнесува 15.000 евра. Покровители на манифестацијата се Општина Охрид, Министерството за спорт и претседателот на државата, а технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, најави дека конечно се придвижува и процесот за завршување на затворениот пливачки базен. Новиот проект, како што информираше, веќе е аплициран во Општина Охрид за одобрување, по што треба да следува тендерска постапка.
„Веќе денеска е аплициран новиот проект во Општина Охрид за одобрување. Штом го одобриме, следува и тендерската постапка за довршување на оние работи кои што не се завршени во затворениот пливачки базен и очекувам во рок од една година да биде завршен.“
Од организаторите ги повикаа граѓаните и гостите во сабота да го проследат маратонот и заедно да бидат дел од традицијата која започна во 1962 година.
„Оваа прилика ја користам да ве поканам во сабота да го проследиме маратонот и заедно да учествуваме во испишувањето на уште една страница од историјата на Охридскиот пливачки маратон и да ја продолжиме традицијата започната во далечната 1962 година. На пливачите им посакувам мирно езеро и успех.“
Следната година Охридскиот пливачки маратон ќе го одбележи 40-годишниот јубилеј. Од локалната самоуправа најавуваат дека за јубилејното издание, заедно со Министерството за спорт и организаторите, ќе се работи на подигнување на организациското ниво и наградниот фонд.
