Почнува музичкиот дел на Ohrid Water Festival

Охрид во знакот на водените спортови. Охридското Езеро е сцена за бројни спортски и рекреативни активности, а четвртото издание на Ohrid Water Festival ги обединува спортот, музиката, забавата и содржините поврзани со богатото езерско наследство.

Во изминатите денови се реализираа повеќе спортски настани на вода – едрење, кајакарење, натпревари со кајчиња суп даски.

Сега фестивалот влегува во својата втора фаза.Од денеска започнува музичката програма, која во наредните денови ќе донесе концерти на Кеј Македонија. Бесплатните музички вечери се дополнување на спортската програма и уште една можност Охрид да понуди разновидни содржини за своите гости.

„Покрај спортот, подготвивме и музичка програма на Кејот „Македонија“, пред хотелот „Палас“. Програмата ќе трае четири дена, почнувајќи од 26 август, кога ќе настапи Ѓоко Танески. На 27 август е детскиот ден со концертот на „Златно славејче“, во организација на Шпаркасе Банка. На 28 август ќе настапи групата „Везилка“, а на 29 август фестивалот го завршуваме со групата „Нокаут“. Како дополнителна вредност за сите посетители ќе бидат поставени и изложби посветени на Охридското Езеро, водените спортови, како и на неговата богата флора и фауна“, рече Никола Вретоски претседател на Охрид ватер фестивал.

Вечерва  во рамките на Ohrid Water Festival, ќе биде отворена и изложбата „Лов на пастрмка на Охридско Езеро“, во организација на здружението „Св. Апостол Петар“.Од 20 часот посетителите ќе можат да видат риболовен прибор и фотографии кои ја раскажуваат приказната за риболовот на Охридското Езеро – традиција тесно поврзана со животот на луѓето покрај езерото и со неговото природно богатство.

Токму ваквите содржини му даваат дополнителна вредност на фестивалот – покрај спортот и музиката, во програмата се внесува и приказната за културното и традиционалното наследство на Охридското Езеро.

Со бројните настани, Ohrid Water Festival ја збогатува туристичката понуда и создава дополнителни причини за посета на градот.

„Тоа се манифестации кои ние како локална самоуправа очекуваме да ги организираме и кои од година во година растат и добиваат на бројност. И покрај тоа што можеби квантитетот, односно бројот на туристи што го добиваме, не е толку значаен, сепак добиваме на квалитет.Тоа се туристи кои покрај Охрид го сакаат и Охридското Езеро, природните убавини и сето она што нашиот град има да го понуди. Така, целото наше културно-историско наследство и природните убавини доаѓаат на сцена и стануваат дел од туристичкото доживување“, вели градоначалникот Пецаков.

Спортот на вода, музиката на кејот и приказните за езерската традиција – содржини со кои Охрид продолжува да живее со фестивалски ритам до 30 август.

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани