Помалку ученици, помали паралелки и постепена реорганизација. Вака охридските училишта ја започнуваат новата учебна година. Демографскиот пад се чувствува, досега се запишани 476 првачиња,. но и покрај тоа од Општина Охрид велат нема да има затворање на подрачни училишта.
„Во однос на паралелките и на наставата, знаеме дека повеќе е намален бројот, дека ќе треба бројот на паралелки да се намалува.Меѓутоа, она што можам да кажам е дека Охрид, како општина, во однос на оптимизацијата нема да биде затворено ниту едно подрачно училиште, ниту една паралелка каде што треба да почнат првачињата“, вели професорот Перчо Божиноски претседател ан Советот на општина Охрид.
Значи, во секое од подрачните училишта ќе си има првачиња, ќе продолжи наставата – и во Лакочереј, и во Лескоец, и Рача, и Елшани, и Коњско. Значи, секаде каде што овие училишта се подрачни во однос на централните, ќе се продолжи наставата“.
Летниот период беше искористен за подобрување на условите во училиштата. Во повеќе објекти се реализираа реконструктивни активности.
„Најголемиот реконструктивен зафат е токму во гимназијата. Она што следуваше, а веќе и трае неколку години, е целосната реконструкција на гимназијата, почнувајќи од училишниот двор до внатрешноста на гимназијата, кровот, нешто што со децении, децении не било чепнато во самата гимназија.Сега имаме целосна реконструкција. Веќе привршуваат активностите во внатрешноста на зградата“, додава Божиноски.
Реконструктивни активности има и во ОУ „Григор Прличев“, во старата училишна зграда каде што е сместена одделенската настава. Таму прво се уредува долниот спрат, а по завршувањето на работите, градежните активности ќе продолжат и на горниот.
Со тоа, според Општината, треба да се заокружи обновувањето на училишната инфраструктура во Охрид.
Во останатите училишта, дел од планираните зафати се веќе завршени. Нов објект има ОУ „Кочо Рацин“, реконструктивни активности се реализирани и во „Христо Узунов“, додека „Климент Охридски“ ги има обезбедено потребните услови за работа.
Во средното образование, обновени се и објектите на Економското училиште и Електромашинскиот центар, со што гимназијата останува најголемиот тековен реконструктивен проект.
Во охридските средни училишта оваа учебна година има 697 слободни места, а досега се запишани околу 550 средношколци.
Новинар Соња Рилковска
