Енергетската транзиција во фокусот на туристичкиот сектор

Енергетската транзиција станува сè поважна тема за туристичкиот сектор, особено во услови на раст на трошоците за енергија и потребата од поодржливо работење. Хотелите и угостителските објекти сè почесто инвестираат во соларни централи, топлински пумпи, подобра изолација и енергетски ефикасна опрема, со цел да ја намалат потрошувачката и зависноста од променливите цени на енергенсите.

За Охрид, како туристички центар и град со исклучително чувствителна природна средина, прашањето има двојно значење. Намалувањето на потрошувачката на енергија може да значи и пониски оперативни трошоци за туристичкиот сектор, но и помал притисок врз животната средина.

Сончевиот потенцијал како неискористена можност

Охрид располага со голем број сончеви денови во текот на годината, што создава значаен потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори. За хотелите, поставувањето фотоволтаични системи е една од инвестициите со кои можат делумно да ги намалат трошоците и да обезбедат поголема предвидливост во работењето.

Сепак, според туристичкиот сектор, потребни се уште поголеми инвестиции за овој потенцијал да биде целосно искористен.

„Имаме околу 300 сончеви денови и тоа треба максимално да го искористиме, затоа што цените на струјата не знаеме, некогаш се покачува, некогаш паѓа и така. Значи, за една стабилност која треба да ја добиеме, треба да поставиме многу повеќе соларни централи на овие простори. Исто така се нудат топлински пумпи“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Инвестициите во обновливи извори на енергија во туристичкиот сектор почнаа да се зголемуваат особено по енергетската криза, кога високите цени на енергенсите ја зголемија потребата хотелите да бараат начини за намалување на зависноста од традиционалните извори на енергија.

Блажески посочува дека дел од хотелите веќе направиле вакви инвестиции, но дека тие сами по себе не се доволни за целосно решавање на проблемот со високите енергетски трошоци.

„После првите поскапувања пред некои 4-5 години, со првата енергетска криза што дојде, доста хотели преминаа и направија соларни централи, колку-толку да може да се помогне во намалување на сметките. Но, не е доволно, затоа што енергијата е секогаш потребна. Сите нови и модерни работи изискуваат и трошат повеќе енергија“, објаснува Блажески.

Зимата останува најголем предизвик

Енергетската транзиција во туризмот не може да се разгледува само преку производството на електрична енергија. За хотелите, особено оние кои работат во текот на целата година, значаен дел од трошоците е поврзан со греењето.

Охрид има релативно долга грејна сезона, а потребата од загревање на хотелските објекти може да трае и во периоди кога туристичката посетеност е значително помала. Тоа создава дополнителен притисок врз хотелите кои сакаат да работат и надвор од главната летна сезона.

Парадоксот е што токму во најстудените зимски месеци, кога потребата од енергија за греење е најголема, производството од соларните панели е помало поради пократкиот ден и помалиот број сончеви часови.

Оттука, дел од хотелите се соочуваат со тешка економска пресметка – дали да работат во периодот со мала исполнетост и високи трошоци или привремено да ги затворат објектите и тој период да го искористат за реновирање и унапредување на капацитетите.

Блажески посочува дека токму повратот на инвестицијата е еден од клучните фактори при носењето одлуки.

„Во хотелот во мај месец, некојпат знаеме и мораме да грееме, така што тоа е една од ставките кои треба да ги покриваме. Затоа многу хотели решаваат зимските месеци, критичните зимски месеци, барем да затворат, да реновираат во тој период, затоа што станува и не станува. Колку и да се прави таа инвестиција во енергетска ефикасност, таа однекаде треба да се врати“, вели тој.

Зелената инвестиција чини, но носи долгорочен бенефит

Соларните централи се само еден дел од процесот. Енергетската транзиција подразбира поширок пристап – од енергетски ефикасни системи за греење и ладење, преку топлински пумпи и подобрување на изолацијата, до современа опрема која троши помалку електрична енергија.

За туристичките компании, ваквите инвестиции можат да значат значително намалување на трошоците на долг рок. Но, почетната инвестиција останува пречка за дел од хотелите и угостителските објекти.

Затоа достапноста на грантови и други форми на финансиска поддршка е особено важна. Европските фондови веќе поддржуваат инвестиции во зелени технологии и енергетска ефикасност, а ваквата поддршка може да биде поттик за туристичките компании полесно да се одлучат на инвестиции кои инаку би барале значителни сопствени средства.

Според Блажески, придобивките од ваквите инвестиции не се ограничуваат само на компаниите.

„Станува збор за грантови од европските фондови кои придонесуваат баш за тие компании што ќе се одлучат да направат таква инвестиција, која понатаму би го намалила загадувањето што го спомнавте. Од тоа намалување бенефит би имале сите – и компаниите, и граѓаните ширум светот. Намалување на загаденоста“, додава Блажески.

Енергетската ефикасност како дел од идниот туризам

Промените во енергетскиот сектор постепено го менуваат и начинот на кој туристичките објекти го планираат своето работење. Она што пред неколку години можеби се сметаше за дополнителна инвестиција, денес сè повеќе станува дел од долгорочната стратегија за намалување на оперативните трошоци и зголемување на конкурентноста.

Во исто време, одржливоста станува сè поважна и за самите туристи. При изборот на дестинација и сместување, дел од посетителите обрнуваат внимание на односот кон животната средина, користењето обновливи извори и енергетската ефикасност.

За Охрид, ова отвора дополнителна можност. Како дестинација чие туристичко богатство директно е поврзано со природата и Охридското Езеро, зелената трансформација на туристичкиот сектор може да биде и економска и еколошка инвестиција.

Енергетската транзиција затоа не е само прашање на пониски сметки за струја и греење. Таа е процес кој може да придонесе кон поодржлив туризам, помала потрошувачка на енергија, намалување на загадувањето и подобра конкурентност на охридските туристички капацитети.

Предизвикот останува како овие инвестиции да станат подостапни за поголем број компании, а зелениот потенцијал на регионот да се претвори во конкретна економска и еколошка придобивка.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани