Културолошката иницијатива „5 до 12“ денеска ја започнува втората сезона на „Кино Четврток“, со проекција на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“. Проекциите ќе се одржуваат секој четврток до 3 декември, во Филмскиот институт ФИОФА во Охрид.
Првата проекција е закажана за вечерва, 15 октомври, со почеток во 20 часот. Филмот трае 83 минути и ја раскажува приказната за Адела, која, соочена со сиромаштијата и притисокот на конзервативната средина, преку својата страст кон скејтбордингот се обидува да ја спаси постарата сестра од договорен брак.
Приказната отвора прашања за слободата на избор, традицијата и правото на секој поединец самостојно да одлучува за сопствениот живот.
Октомвриската програма продолжува на 22 октомври со проекција на филмот „Бал-Кан-Кан“, а на 29 октомври публиката ќе може да го погледне „Руини“.
Сите проекции ќе започнуваат во 20 часот, а влезниците ќе чинат 200 денари и ќе се продаваат на влез.
„Кино Четврток“ започна како иницијатива за враќање на кино-културата во Охрид и создавање редовна филмска програма за локалната публика. Во соработка со Филмскиот институт ФИОФА, организаторите создаваат простор за прикажување филмови на голем екран и поттикнување интерес за филмската уметност.
Долгорочната цел на иницијативата е Охрид да добие функционално кино со редовна и разновидна програма.
