Големо археолошко откритие кај Корошишта: Oткриен богат архајски гроб со воена опрема и златна фолија

Големо археолошко откритие на археолошкиот локалитет Расница кај струшко Корошишта. Археолозите открија втор богат архајски гроб од шестиот век пред нашата ера, со целосна воена опрема, бронзени садови, сребрена игла, килибарни наоди, стаклена перла и златни предмети.

Посебно внимание предизвикува златната фолија пронајдена покрај шлемот. Археолозите претпоставуваат дека можеби служела за покривање на лицето на покојникот, односно дека станува збор за своевиден тип златна маска. Точната намена ќе биде утврдена по нејзината конзервација и лабораториските анализи.

„По значење можеби е значајна, меѓутоа и хронолошки е малку постара, според првите сознанија. Малку е постар од требенишките и од гробот кој го откривме во 24 година, по монументалност на гробниците што ги откриваме овдека ги надминаа требенишките“, рече археологот и раководител на истражувањата Перо Арџанлиев.

Според Арџанлиев, богатството на наодите и целосниот контекст на погребувањето укажуваат на исклучително значаен наод. Во гробот е пронајден покојник погребан со целосна воена опрема – шлем, бронзен штит и копја, како и повеќе вредни предмети.

„Има од другите наоди бронзени садови, сребрена игла, килибарни монети, остаклена перла и сите тие наоди покажуваат за статусот, златен прстен, да не заборам, како инсигнија за покојник кој припаѓа на висок статус во заедницата. Посебно сум среќен бидејќи го откривме комплетниот контекст на погребувањето, што е научно доста значајно и тука фативме некои моменти кои за жал биле пропуштени на Требенишката некропола“, рече Арџанлиев.

Истражувањата на Расница траат трета година. Минатата година археолозите добиле значајни информации за геологијата и границите на некрополата, а новото откритие, според нив, несомнено потврдува дека не станува збор за случаен наод, туку за архајска некропола.

„Повеќе не се работи за едно изолирано, исклучително откритие, а денес сме тука да презентираме дека можеме со сигурност да потврдиме дека се работи за некропола. Како Национален археолошки музеј можам да се обврзам дека ќе продолжиме и понатаму, а истражувањата ќе прераснат во систематски археолошки истражувања на овој простор“, посочи директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова.

Локалитетот Расница се наоѓа во близина на познатата Требенишка некропола и, според археолозите, претставува дел од поширок микрорегион со повеќе значајни локалитети од архајскиот период.

Од Управата за заштита на културното наследство најавија дека ќе предложат истражувањата да добијат статус на капитален проект, со што би се обезбедиле повеќегодишни и континуирани истражувања.

„Можам да истакнам дека како Управа за заштита на културно наследство, согласно нашите надлежности, ќе предложиме информација до Владата на Република Македонија овие археолошки истражувања да добијат статус на капитален проект, да бидат повеќегодишни, континуирани, за да можеме да дојдеме до повеќе резултати и во делот на презентацијата на богатото културно наследство“, рече директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.

Таа најави и регулирање на имотно-правните односи со сопствениците на земјиштето, согласно закон, со оглед на тоа што локалитетот се наоѓа на приватен имот.

Археолошките наоди ќе бидат конзервирани, а лабораториските анализи треба да дадат дополнителни информации за покојникот, неговата возраст, полот, здравствената состојба и евентуалното сродство со други погребани лица.

Новото откритие отвора ново поглавје во истражувањето на архајскиот период во охридско-струшкиот регион, а археолозите очекуваат систематските истражувања на Расница да донесат и нови значајни наоди.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани