Првата година од вториот мандат ја одбележаа продолжување на започнатите проекти, нови капитални инвестиции и активности насочени кон подобрување на квалитетот на животот на охриѓани, оценува градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во отчетот за сработеното.
Во делот на инфраструктурата, Пецаков ги издвојува изградбата на катната гаража во центарот на градот, целосната реконструкција на плоштадот „Чинар“ и „Холандскиот парк“, како и обновата на повеќе улици и патишта.
Меѓу реализираните проекти ги наведува улиците „Прилепска“, „Аџи Мустафа“ и „Кленоец“, каде е поставена и нова канализациона мрежа, како и патните правци кон Завој, Лескоец–Велгошти, Горно и Долно Лакочереј и Орман.
Во извештајот посебно место имаат проектите поврзани со заштитата на Охридското Езеро. Пецаков ја издвојува изградбата на пречистителната станица во Трпејца, како и модернизацијата и автоматизацијата на пумпната станица „Метропол“.
Во образованието и младите, градоначалникот ја посочува новата спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, како и инвестицијата од над 100 милиони денари во целосна реконструкција на гимназијата „Св. Климент Охридски“. Избрано е и идејното решение за новиот Младински културен центар во поранешната касарна, а продолжува и стипендирањето на ученици и студенти.
Пецаков во отчетот се осврнува и на спортот и културата. Како историски спортски успех го издвојува освојувањето на ЕХФ Европскиот куп од страна на ГРК Охрид, додека во културата и туризмот ги посочува реализациите на Ohrid Wine Festival, Ohrid Water Festival и Ohrid Jazz Festival.
Посебно внимание во отчетот е посветено и на заштитата на охридскиот регион и одлуката на УНЕСКО. Пецаков вели дека дополнителниот рок до 2031 година за спроведување на препораките претставува признание за заложбите за заштита на природното и културното наследство.
„Охрид е нашата гордост и наша заедничка одговорност. Првата година од вториот мандат ја одбележавме со засилена динамика, завршување на започнатите проекти и почеток на нови сериозни капитални инвестиции за подобрување на квалитетот на живот на сите охриѓани“, наведува Пецаков.
Градоначалникот најавува продолжување на инвестициите со цел, како што посочува, Охрид да се развива како современ, функционален и развиен град.
