Нов модел на организација на здравствената услуга ќе им овозможи на пациентите со мултиплекс склероза да ја примаат терапијата поблиску до местото на живеење, наместо за секоја доза да патуваат до Скопје. Во процесот е вклучена и Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
Пациентите со мултиплекс склероза ќе можат да ја добиваат имуномодулаторната терапија во регионалните здравствени центри, откако се потпишани протоколи за дисперзирање на терапијата. Информацијата ја соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека со новата организација здравствената услуга ќе им биде подостапна на пациентите од внатрешноста на земјата.
Покрај Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, во спроведувањето на моделот се вклучени Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје и Клиничката болница во Штип.
Досега сите 835 пациенти кои примаат ваква терапија биле упатувани на Клиниката за неврологија во Скопје. Од нив, 491 пациент живее надвор од скопскиот регион, што подразбирало редовни патувања до главниот град, дополнителни трошоци и, во одредени случаи, потреба од придружник.
Со новиот модел, терапијата првично ќе се започнува на Клиниката за неврологија, додека продолжувањето на лекувањето ќе може да се одвива во регионалните центри. Според најавите, до 692 пациенти, односно околу 83 проценти од сите што ја примаат оваа терапија, ќе можат да ја добиваат поблиску до својот дом.
Новината предвидува и поинаква организација на следењето на пациентите. Контролните прегледи ќе се спроведуваат на секои шест или 12 месеци, а ќе има можност и за дигитални конзилиуми. Во регионалните центри ќе може да се аплицираат и современи биолошки лекови во субкутана форма.
Преминот кон регионалната здравствена установа нема да биде задолжителен. Пациентите ќе можат да ја изберат оваа можност со своја писмена согласност.
Од Министерството за здравство очекуваат со децентрализацијата да се намалат трошоците, времето поминато на пат и физичкиот напор за пациентите и нивните семејства. Истовремено, регионалните болници ќе добијат поголема улога во обезбедувањето специјализирани здравствени услуги.
Новата организација доаѓа по долгогодишните барања на Здружението за мултиплекс склероза, со поддршка од Клиниката за неврологија и регионалните болници. Моделот, според најавите, може да послужи како основа за децентрализација и на други здравствени услуги, вклучително и во онкологијата.
