Превенцијата е клучна: Eдукативна средба за животот со дијабетес

Со фокус на препознавањето, превенцијата и навременото лекување на компликациите од дијабетесот, Здружението на лица со дијабет одржа едукативна средба во ресторанот на хотелот СУ. На настанот, шестмина стручни лица од различни медицински области зборуваа за ризиците што ги носи болеста, важноста на редовните контроли и потребата од сеопфатна грижа за здравјето.

Целта на средбата била да се подигне свеста кај лицата со дијабетес за можните компликации, нивното рано препознавање и мерките што можат да помогнат во нивното спречување.

Д-р Даниела Пендова, ендокринолог, говореше за значењето на добрата регулација на дијабетесот и нејзината улога во намалувањето на ризикот од компликации. Д-р Соња Јанева Целакоска, офталмолог, ја истакна важноста на редовните офталмолошки прегледи, дури и кога лицата немаат забележителни проблеми со видот.

За промените на нервниот систем и симптомите на кои треба да се обрне внимание говореше д-р Маја Божинска, невролог. Д-р Василики Кречова, нефролог, се осврна на грижата за бубрезите и значењето на редовните проверки, имајќи предвид дека раните промени може да поминат без јасни симптоми.

Компликациите на стапалата, грижата за раните и потребата од навремена лекарска реакција беа во фокусот на излагањето на д-р Димитар Арнаудов, хирург. Тој дел од едукацијата беше посветен на препознавањето на проблемите и спречувањето посериозни последици.

Покрај физичкото здравје, учесниците разговараа и за психолошките предизвици со кои се соочуваат лицата со дијабетес. Изабела Николоска, психолог и психобиолог, ја нагласи важноста на емоционалната благосостојба и справувањето со секојдневниот товар што го носи живеењето со хронична болест.

Од Здружението посочуваат дека ваквите средби се значајни за континуирана едукација и поддршка на лицата со дијабетес, но и за размена на искуства и добивање стручни одговори на прашањата поврзани со секојдневното справување со болеста.

Со ваквите активности, Здружението на лица со дијабет продолжува да ја истакнува важноста на информираноста, редовните здравствени контроли и навременото препознавање на компликациите, со цел подобра грижа за здравјето и поквалитетен живот на лицата со дијабетес.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани