Со низа културни, спортски и свечени активности, Охрид ќе ја одбележи 82-годишнината од ослободувањето на градот, 7 Ноември. Програмата, во организација на Општина Охрид и секторот за култура, опфаќа настани од 3 до 7 ноември, на повеќе локации во градот.
Одбележувањето започнува денеска, 3 ноември, со промоција на книгата „Бајкограда“ од Ана Цветаноска, во 12 часот, во Прличевата одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“.
На 4 ноември, во 12 часот, во истата библиотека ќе биде промовирана книгата „Авторски ора“ од Гоце Цуклески, а вечерта, во 19 часот, во концертната сала на ОМУ „Методи Патче“ ќе се одржи Седмоноемврискиот концерт на учениците од училиштето.
Програмата продолжува на 5 ноември, со настанот „Инспирација за монодрама – Културен бизнис импакт“, во кој ќе учествуваат повеќе претставници од културниот сектор. Настанот е закажан за 18 часот во Harbour Club.
На 6 ноември се предвидени повеќе активности. Во 9:30 часот ќе биде презентиран проектот „Охридска боенка“, чиј автор и промотор е Ана Никодиноска Митровиќ, во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Во 10 часот ќе се одржи одбележувањето на патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“, во просториите на претпријатието. Во 10:30 часот ќе се положи цвеќе пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во селото Рамне, со настап на најмладите од градинката. Во 11 часот ќе се положи цвеќе и пред спомен-обележјата од НОБ, на Градските гробишта, во Градскиот парк пред Основниот суд и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.
Во 17 часот, во СРЦ „Билјанини Извори“, ќе се одржи свечена приредба по повод патрониот празник на ОЈУДГ „Јасна Ристеска“.
Културната програма продолжува во 18 часот со промоција на стихозбирката „Шепотот на езерото“ од Стефанија Бакулеска, во НУ Библиотека „Григор Прличев“. Промотор ќе биде Мирко Томовски, а модератор Милчо Јованоски.
Во 19 часот се предвидени два настани: самостојната изложба „Охрид во моето срце низ очите на татко и син“ од фотографот Петар Паунче, во Младинскиот центар – Охрид, и свечената академија по повод 82-годишнината од ослободувањето на градот, во малата сцена на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
На свечената академија ќе се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а предвиден е и музичко-сценскиот перформанс „Охрид е песна“, со учество на охридскиот камерен оркестар, вокални солисти, ученици и уметници.
Вечерта, во 20 часот, во Охрид Мол ќе се одржи интерактивната работилница за деца „Охрид низ детските очи“, во рамките на програмата „Културата расте со децата“.
Централниот ден на одбележувањето, 7 Ноември, ќе започне со регионалниот параглајдинг-перформанс „Ohrid Fly Festival“, од 10 до 11 часот. Во 10:30 часот, во ООУ „Братство Единство“, во просториите на ШК „Ласкер“, ќе се одржи шестото Општинско првенство во шах.
Во 11 часот е предвидено положување свежо цвеќе во Спомен-паркот на Револуцијата, со обраќање на претставник од Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца.
Попладнето, во 17 часот, во Прличевата одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“, ќе биде промовирана книгата „Охридски книжевни критичари“ од едицијата „Охридско книжевно наследство“. Автори се проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Издавач е Општина Охрид, уредник Митре Вељаноски, промотор Бранко Цветкоски, а модератор Валентина Рубаноска.
Одбележувањето ќе заврши во 19 часот со фотографската изложба „Охрид – светско наследство низ објективот“, во Куќата на Робевци, во организација на Фото клуб Охрид.
Со оваа програма, Охрид преку културни, образовни, спортски и меморијални содржини ќе ја одбележи годишнината од историскиот датум – 7 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.
