Антички предмети стари околу 1.500 години, меѓу кои три големи керамички садови – питоси и покривни ќерамиди, биле откриени под водите на Охридското Езеро. Необичните археолошки наоди биле регистрирани во 2020 година, во близина на подводниот археолошки локалитет Плоча Миќов Град, при нуркачки активности на Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.
Трите керамички садови биле пронајдени на различни длабочини – од 5, 35 и 45 метри, додека особено интересен е наодот на антички покривни ќерамиди, откриени на длабочина од 19,5 метри.

Според Заводот и музеј – Охрид, ќерамидите потекнуваат од доцната антика и претставуваат прв ваков регистриран наод во водите на Охридското Езеро.
Предметите се наоѓале на оддалеченост од 70 до 100 метри од брегот, што отвора можност тие во минатото да биле транспортирани со пловен објект. Сепак, засега нема конечен одговор зошто завршиле на езерското дно.

Подводните фотографии од наодите ги објави Нуркачкиот центар „Амфора“, потсетувајќи на богатото и сè уште недоволно истражено археолошко наследство што го крие Охридското Езеро.
