Поради одржувањето на средбата на лидерите од земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, денеска и утре во Охрид и Струга се спроведуваат засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.
Од СВР Охрид информираат дека полициските службеници вршат физичко и сообраќајно обезбедување на улиците, објектите и локациите опфатени со протоколот за посетата.
Посебен режим е воспоставен на булеварот „Туристичка“ во Охрид, на дел од автопатот Охрид–Кичево, во централното градско подрачје на Струга, како и на регионалниот пат Струга–Дебар и други сообраќајници.
Во периодот на движење на делегациите се можни краткотрајни застои во сообраќајот, а на одредени локации нема да биде дозволено запирање и паркирање.
Од СВР Охрид апелираат до возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници и моторните возила да ги користат само во неопходни случаи додека траат безбедносните активности.
