Библиотеката „Григор Прличев“ со 28 проекти во 2026 – буџет над 1,8 милиони денари

Минатата 2025 година беше исклучително плодна за НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, со реализирани повеќе од 30 проекти во рамки на Годишната програма за работа, финансирана од Министерството за култура и туризам. Меѓу најзначајните настани беше враќањето на вредното Пчињско евангелие од крајот на 16 век, кое по реставрацијата во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје повторно се чува во трезорот на охридската библиотека.

Директорката на библиотеката истакна дека институцијата продолжува со амбициозна програма и во 2026 година.

„Библиотеката за оваа 2026 година во Министерството за култура и туризам конкурираше со рекордни 45 нови проекти во библиотечната, издавачката и меѓународната дејност, фестивалите, секторот за инвестиции и за првпат во секторот за евроинтеграции“, рече директорката.

Годинава за првпат библиотеката добива и делегиран буџет, што ќе овозможи самостојно планирање на приоритетите. Управниот одбор, во соработка со директорката, одобрил 28 проекти, од кои 25 се од основната библиотечна дејност, а по еден се однесува на меѓународна соработка, издавачка дејност и инвестиции. За нивната реализација од Министерството за култура и туризам се обезбедени над 1 милион и 800 илјади денари.

„Сами ќе треба домаќински да ги распределиме средствата за проектите кои ќе сметаме дека ни се приоритет за реализација и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување кај нас“, нагласи директорката.

Меѓу проектите кои ќе ја одбележат работата на библиотеката оваа година се збогатувањето на книжниот фонд со нова литература за деца и возрасни, заштитата на движното културно наследство, како и организацијата на Четвртата годишна средба на роднокрајни автори со издавање традиционален алманах. Ќе се одржи и регионалниот натпревар „Млади библиотекари“, како и веќе познатите проекти „Читаме гласно и раскажуваме“, „Книгата најдобар другар на децата“, „Книгата поблиску до старите лица“, трибините „Поубав свет“, „Калдрмата шепоти за Прличев“, „Азбуката не повикува“, „Библиотека футура“, како и поетскиот фестивал „Слушни го езерото“.

Во јуни е планирана и посета на библиотеката во Котор, со која охридската библиотека ја поврзува заедничката заштита на културното наследство под покровителство на УНЕСКО. Паралелно, ќе се реализира и проект за изградба на современа пристапна рампа до просторот за зајмување книги.

Наскоро се очекува да биде завршено и реновирањето на Прличевата одаја, која со нов изглед и содржини ќе биде место за средби на роднокрајни писатели, но и на автори од Македонија и регионот. Проектот делумно е поддржан од Општина Охрид, која ќе помогне и во реализацијата на проектите „Библиотечен калеидоскоп“ и „Слушни го Езерото“, по повод 21 јуни – Денот на Охридското Езеро.

Покрај програмските активности, библиотеката ќе продолжи и со настани финансирани со сопствени средства, меѓу кои се курсевите по англиски јазик за деца и возрасни, како и бројни промоции на книги од автори од Охрид, Македонија и странство.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани