Четвртиот по ред еко пазар во рамки на иницијативата „Училиштата без пластика“ ќе се одржи утре, 20 декември, со почеток во 12 часот, во просториите на Охрид Мол. Настанот е посветен на промоција на одржливи навики и подигање на свеста за негативните последици од текстилниот отпад и брзата мода врз здравјето на луѓето и животната средина.
На пазарот ќе бидат изложени облека, обувки, книги и други предмети на втора рака, а организаторите посочуваат дека зголеменото производство на текстил и лесниот пристап до нова облека доведуваат до сè помало користење на постојните парчиња, кои брзо завршуваат на депонии.
„Купувањето и носењето облека на втора рака е еден од најефикасните начини како заедницата може директно да придонесе за поодржлив начин на живеење и намалување на текстилниот отпад“, велат од иницијативата Збогум Буково.
Еко пазарот има за цел и да ја намали стигмата поврзана со користење облека од втора рака и да промовира позитивни еколошки практики кои се веќе широко прифатени во развиените земји.
Настанот е организиран од Збогум Буково, во соработка со Тексомак и Ј.П. „Охридски Комуналец“. Покрај можноста за купување уникатни предмети, најмладите посетители ќе имаат можност да учествуваат и во креативна работилница за реупотреба на стар текстил и изработка на еколошки новогодишни декорации.
