Д-р Слободан Попоски – лекар кој остана посветен на пациентите

Примариус д-р Слободан Попоски, специјалист уролог, граѓаните на Струга го препознаваат по две работи – неговата посветеност како лекар специјалист уролог во помош на пациентите и неговата заложба за изградба на нов и современ објект во кој ќе работи Заводот за нефрологија во Струга.

Оваа значајна општествено-стручна заложба резултирала со конкретен зафат – Заводот за нефрологија во Струга, во кој тој го започнал своето медицинско напредување како вработен во Уролошкото одделение, добил нов, современ и наменски објект во интерес на лекувањето и рехабилитацијата на пациентите.

Тоа се случило на 7 април 1984 година, кога во употреба бил предаден новоизградениот нефро-рехабилитациски центар во близина на Струга, на брегот на Охридското Езеро.

За тој период д-р Попоски се сеќава:

„На почетокот ретко кој веруваше дека Уролошкото одделение во Струга ќе прерасне во медицинска институција, прва од ваков вид во Република Македонија и пошироко во регионот. Нашите почетоци беа тешки, но сите ние што бевме во тој медицински тим тоа го прифативме како хумано-стручен предизвик и успеавме.

Работевме деноноќно, исполнети со младост и полет, со несогорлив ентузијазам дека тоа што го вложивме во здравјето на луѓето нема цена и дека по секој успех доаѓа нов успех. И, навистина, така беше.“

По заслужените години поминати во Уролошкото одделение, во кое, може да се каже, примариус д-р Слободан Попоски го вградил целото свое знаење и современо медицинско менаџирање, заедно со останатите колеги-доктори и целиот медицински персонал, резултатите во лекувањето и рехабилитацијата на многубројните пациенти не изостанале.

Нивната тимска работа била веднаш препознаена и надалеку позната. Така, во Струга, поточно во Заводот за нефрологија, покрај пациенти од нашата држава, поради докажаната и потврдена стручност на медицинскиот тим, започнале да доаѓаат на лекување и пациенти од соседна Србија, Словенија, но и од други земји, меѓу кои Белгија, Холандија, далечна Либија и други.

Кај многубројните пациенти со кои работел, примариус д-р Слободан Попоски оставил силен, хуман и неповторлив човечки впечаток, како и трајно сеќавање на своето стручно знаење и професионалниот однос.

И денес, кога спокојно ги минува своите пензионерски денови, бројни пациенти му се јавуваат со воодушевување и благодарност, а истовремено му ги препорачуваат на своите роднини и пријатели услугите на Заводот за нефрологија во Струга. Тој, пак, продолжува со професионална етика да им помага на сите оние кои ќе побараат совет или помош.

Токму поради неговата несебична помош и во пензионерските години, тешко дека има возрасен Стружанец, но и жител на поширокиот регион, кој не го познава и не го почитува примариус д-р Слободан Попоски.

Него го краси хуманоста како една од највозвишените човечки доблести. И како пензионер, тој продолжува да им помага на сите оние кои ќе побараат помош од него.

За крај, треба да се одбележи и дека примариус д-р Слободан Попоски е автор на монографијата посветена на развојот и работата на Заводот за нефрологија во Струга. Во неа, низ збор и фотографија, е прикажан растот и развојот на оваа значајна медицинска установа.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани