Доколку Европската Комисија одлучи да се укине летното и зимското сметање на времето логично би било таа да се примени и во државава.
Доколку Европската Комисија одлучи да се укине летното и зимското сметање на времето логично би било таа да се примени и во државава, со оглед дека ЕУ е нашиот најголем надворешно трговски партнер и над 80 проценти од нашиот извоз е насочен на европскиот пазар, смета Стопанската комора на Македонија.За да не постојат разлики во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас, сметаат од Стопанската комора на Македонија.Крајната одлука за укинување на зимското и летното сметање на времето треба да ја донесе Европската комисија, на предлог на Европскиот Парламент. Се бара да се укине европската директива за промена на времето двапати годишно поради, според образложението, се поголемиот број докази за негативното влијание врз човековиот биоритам, зголемување на сообраќајни несреќи и пад на продуктивноста на работното место.
Летното и зимското сметање на времето како предложен систем пошироко бил применет пред точно еден век, со што во Европа била прифатена конвенцијата зимското сметање на времето да почнува последната недела на октомври и да трае до последната недела од март. Ова правило, прифатено и кај нас со носење на Закон за сметање на времето во 1996 година, во најголема мера се однесувало на потребата за користење на повеќе дневна светлина во текот на денот. Ова генерално им оди во прилог на компаниите од земјоделскиот сектор и други дејности кои се поврзани со потребата од повеќе дневна светлина. Според некои истражувања на овој начин се влијаело на заштеда на електрична енергија со намалување на периодот на вештачко осветлување, некаде и со заштеда во потрошувачката на нафта, секако влијае и на продуктивноста на работната сила, што од економска гледна точка е многу важен параметар.