Дел од тимот на Збогум Буково оствари средба со претседателката Силјановска.
Средба со основачите на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ – Охрид, Драгана Карашова, Ѓорѓи Љатко, Симеон Карашов и Љиљана Илиевска. Ме информираа за нивните активности во справувањето со отпадот на депонијата „Буково“ и воопшто, со заштитата на животната средина во Охрид и околината. За нив состојбата сѐ уште е загрижувачка, со оглед на фактот дека депонијата честопати се пали, ширејќи чад со канцерогени материи, коишто стигнуваат до градот и околните населби. Разговаравме и за можното трајно решение, врзано за регионална депонија, како и за потребата од оневозможување на депонирањето на отпадот, преку Законот за комунална полиција. За сите, неспорно беше дека идеја водилка во заштитата на животната средина мора да биде еколошката филозофија дека нашиот здрав живот директно е предодреден од здравјето на природата, па штитејќи ја неа, се штитиме себе си, напиша претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Денес дел од тимот на Збогум Буково беше на гости кај претседателката на Македонија во нејзината резиденција во Охрид. За неколку нешта се согласуваме:
– состојбата со екологијата во Македонија е алармантна;
– со пикањето на проблемите под ќилим евентуално ќе ни се вратат многукратно поголеми;
– за надминување на еколошката криза во Македонија е потребно мобилизирање на целото население и сите слоеви од општествениот живот.
Здравствените проблеми со ѓубриштата, дивите депонии, загадениот воздух и загадувањето општо нѐ засегаат сите еднакво, најмногу нашите деца. Тие треба да бидат секојдневна тема на разговор и активности на сите институции на сите нивоа.
Да потсетиме, над 4000 Македонци годишно умираат од аерозагадување, секое 9-то дете на државно ниво, информираат од Збогу Буково.

