Сообраќајната кампања „Летувај, не летај“ доби силна подршка од многу познати лица.
„Летувај, не летај“- кампања за поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот деновиве добива се поголема подршка и од многу познати ликови. Со делење на едукативни флаери на охриѓани и туристите, низ чаршијата, по плажите и угостителските објекти, со давање совети и потсетување на неопходноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, во кампањата се вклучија Мишо Филев-најпознатиот и врвен изработувач на оригинални охридски бисери ,Фамилија Филеви”, охридскиот џез-гитарист Дамјан Пејчиноски, Стефан Ставрев од „Акватика Јахтинг“ Охрид, познатиот стоматолог д-р Сашо Стоев, претседателот на Пливачката федерација на Македонија и пливачки ас-Александар Маленко, познатата менаџерка Кате од кафе „Ваулт“, Илија Пиперкоски-познат охридски режисер и шеф на кабинетот на охридскиот градоначалник, актерот и поранешен директор на Националната установа „Македонски народен театар“-Скопје- Дејан Лилиќ и други.
-Тие, со вклучувањето во кампањата,покажаа голема совест и одговорност. Со својата љубезност, манифестираа врвна проактивност и со пораки за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, превентивно делуваа искажувајќи ја потребата од поголема сообраќајна безбедност и зголемена безбедносна култура, изјави м-р Стефан Димоски, претседател на Општинскиот совет за сообраќајна безбедност.Додава дека едукација и подигнување на свеста за безбедно и одговорно патување во текот на летото и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив е целта на едукативната кампања „Не летај, летувај“.
Кампањата отпочна пред почетокот на туристичката сезона во организација на Министерството за внатрешни работи и Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) а веднаш потоа во Охрид, летово ја спроведува Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП).Според РСБСП, деновите наменети за летен одмор, во Македонија и во светски рамки се познати како најфатални денови на патиштата кога бројот на сообраќајни незгоди со фатални последици драстично се зголемува. Како одговор на оваа загрижувачка појава и на црната статистика, светските организации секоја година ја реализираат кампањата „100 Deadliest Days of Summer“.Тоа е причина и мотив, токму во овој период, возачите и сите останати учесници во сообраќајот дополнително да се едуцираат за правилата и прописите, односно за начинот безбедно и одговорно да стигнат до посакуваната дестинација.










