Денеска започна големата акција за чистење на дното на Охридското езеро.
Имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина, која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори за да ја сочуваме за идните генерации. Недозволиво е во овој прекрасен езерски басен за кој научниците тврдат дека е стар околу три милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет да се исфрла најразличен отпад. Затоа е потребно да се организираат многу повеќе вакви акции кои може да придонесат за подигање на еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкрижува. Локалната самоуправа во изминатиот период има организирано неколку еколошки акции за чистење на диви депонии на неколку локации во градот и околните населби, каде беа подигнати огромни количини отпад што покажува дека свеста за заштита на природата и уникатните природни потенцијали за жал се уште е на ниско ниво, информира градоначалникот Пецаков.

Во акцијата учествуваат 80 нуркачи од Македонија, Србија и Хрватска, а се чисти на три локации, на Градското пристаниште, автокампот Градиште и Музејот на вода.
