Охриѓанката Весна Миленкоска готви и подарува – топол оброк. . Нејзината благородна мисија од неформалната „Зготви и подари“, овој месец по 45 пат ќе однесе радост во некое семејство на кое му е потребна т помош. Започна во време на пандемијата со зготвен топол оброк, а денес прерасна во препознатлива хуманост, Со поддршка од бизнис секторот и заедницата, кои самоиницијативно се вклучуваат, заеднички на социјално загрозените семејства им помагаат и со облека, покуќнина, огревни дрва и слично.

Вели готви со љубов, а среќата се множи кога се дели.
-„Оваа идеја започна во короната кога беспомошно гледав како на некои луѓе немаа никој да им помогне, така ми се роди идеја да помагам, иако од секогаш сум го правела тоа, но тогаш дојде идејата за„ Зготви и подари“ да направам нов профил на Инстаграм да биде препознатлив по тоа и со идеја секој псоледен четврток да готвам и да подарувам храна, оброк на семејство. Значи започнав со подготвување на еден оброк. Како објавував на социјалните мрежи се вклучуваа граѓани и се уште се вклучуваат и веќе „Зготви и подари“ не е само оброк. Голем број граѓани ме поддржуваат, да нагласам јас не сум им побарала да се вклучат, самоиницијативно се јавуваат и помагаат. Самите граѓани ми укажуваат каде има семејство на кое му треба помош“, вели Весна Миленкоска од „Зготви и подари“.

Весна е дел и од Слоу фуд Охрид, таа е позната по вкусниот домашен леб од кисело тесто, беа адитиви и квасец.Вели, нема никакви тајни, единствено што бара е посветеност и време. Денес лебот го прави по нарачка, но и соработува со неколку угостителски објекти.

-„Ова е леб од кисело тесто се работи без квасец, без адитиви, природна ферментација значи освен брашно, вода и сол нема никакви други додатоци. Ова лето да работам со неколку објекти а досега беше се индивидуално. Годинава на манифестацијата „Вкуси го Охрид локално“ испеков многу лепчиња и однесов ама пак не беше доволно. Слоу фууд е една сериозна организација, сериозен настан имаше голема посетеност, поминавме одлично“, вели Миленкоска.

Женскиот магазин „Убавина и Здравје“ на Весна Миленкоска годинава и ја додели наградата за хуманост, а во нејзината благородна мисија може да се вклучи секој граѓанин.

Новинар Соња Рилковска
