Хуманитарен новогодишен базар „Вино и Винил“

Оваа сабота, на 27 декември, плажата Сараиште ќе се претвори во топол новогодишен простор исполнет со музика, рачни изработки и хуманост, во рамки на хуманитарниот базар „Вино и Винил volume IV“.

Настанот е целосно хуманитарен – сите собрани средства ќе бидат наменети за акцијата „Пакетчиња за сите дечиња“, за празниците да донесат радост и кај оние на кои им е најпотребна, велат организаторите.

Посетителите ќе можат да прошетаат низ новогодишно украсени штандови со уникатни рачни изработки од локални занаетчии, да уживаат во греено вино, топол чај и ракија, како и во вкусни пици и благи кроасани – сите донации за хуманитарната цел.

Музиката од винил плочи ќе создаде ретро и празнична атмосфера покрај езерото, а настанот се одржува со поддршка на Црвен крст Охрид, Планинската спасителна служба, Jazz Inn и Градски Пазар, како дел од културната програма на Културолошка Иницијатива 5 до 12.

„Вино и Винил“ е покана за сите генерации – да се ужива во празничен амбиент, да се поддржи локалната креативна сцена и заеднички да се направи добро дело.

Настанот започнува оваа сабота од 11:00 до 16:00 часот на плажата Сараиште.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани