И партијата на пензионери против депонија во Дебрца

Општинската организација на Партијата на пензионери (ПП), за општините Охрид и Дебрца, отворено се спротивставува на владините намери да се гради регионална депонија во селото Годивје и го повика своето членство и симпатизери масовно да му се приклучат на општонародниот протестен  собир, закажан за 22 април, напладне, во селото Ботун.

 

Од партијата го потсетуваат премиерот Зоран Заев, на неговата јасно декларирана определба, дадена на теренот на Дебрца во кампањата за последното изборно соочување, дека  ќе се спротивстави и нема да дозволи градба на регионална депонија.Одтаму, кај премиерот лежи најголемата одговорност и тој не смее да дозволи врз неговиот грб да падне уште еден Казндол, опоменуваат од ПП.

Повикувајќи се на зборовите на писателот и дипломат Трајан Петровски, дека “светилникот на историјата никој нема право да го деградира во буниште на историјата и на иднината”, од ПП ги повикуваат сите еколошки асоцијации, да застанат зад жителите на Дебрца, заедно со други невладини организации како Сојузот на боците и поддржувачи, Ветераните од одбраната и безбедноста, со цел да се спречи намерата за изградба на депонија. Јавно ги повикаа и градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески,односно членовите на Советот, да ја испочитуваат  волјата на граѓаните изразена преку референдумска одлука и да не ја поддржат одлуката за пренос на надлежностите во областа со управување со отпад, од локалната на централната власт.

– Наш историски долг, но и одговорноста пред иднината на нашите деца и внуци, e да им предадеме чиста животна средина. Toa што сме, како партија, во владината коалиција , не ни дава за право, да одмолчиме пред намерите за изградба на депонија во Дебрца, токму на извориштето на реката Сатеска, (нашата Сутјеска!), како и на извориштето на сите сегменти на нашата опстојност и државност. А тоа се првите НО одбори заедно со првата слободна територија, јазикот со Манифестот на Главниот Штаб на НОВ и ПОМ, како прв документ печатен на македонски јазик, писменоста со првите училишта, зародишот на нашата војска, односно АРМ, првите сојузнички мисии, здравството, па се до црквата-односно возобновата на МПЦ со првото Верско поверенство. Дополнително, заштитата на Охридското Езеро и забраните од УНЕСКО, за сите нас треба да бидат апсолутен приоритет, затоа што реката Сатеска со сите околни притоки е поврзана со водите на Охридското Езеро – вели, во изјава за медиумите, претседателот на Општинската организација на ПП, Веле Митаноски.

Social profiles