In memoriam: Почина познатиот бизнисмен од Охрид Венко Шапкар

По кратко боледување, вчера на 70 годишна возраст почина бизнисменот Венко Шапкар, истакнат хуманист, мецена и општествено-политички работник.

Венко Шапкар беше основач на компанијата АМАК СП, во која по 2000-та год работеа над 900 луѓе и која беше една од 100- те најуспешни фирми во Македонија и еден од најголемите извозници. Тој беше познат мецена кој со свои пари финансираше многу културни настани во Охрид, меѓу кои во 2005 година и една цела театарска претстава, по што Охрид доби свој театар. Венко Шапкар беше спонзор и на неколку спортски клубови. Тој го финансираше стрелачкиот клуб „Ристо Шапкар“, го обнови едрењето во Охрид целосно финансирајќи го едриличарскиот клуб АМАК СП БОФОР, а го формира и финасираше и кошаркарскиот клуб АМАК СП кој покрај што стана македонски шампион, се пласира и играше во Европската лига. Венко Шапкар ја помагаше и новинарската фела. Го основа весникот АМАК СП, а беше сопственик и на Радио Охрид со тоа што го купи и го спаси од затворање во период кога како резултат на погрешната политика на државата беа уништени и затворени сите локални радио станици во државава.

Амбициозен работодавец, но приземен, човек од доверба и чесен. Беше чест што имавме прилика да бидеме дел од неговиот новинарски тим и заедно да работиме.

Почивај во мир

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани