Интервенции на терен, се очекува стабилизација на состојбата со поплавите

Обилните дождови предизвикаа поплави во Охрид – најкритично кај Коселска Река

Екипите на општинските јавни претпријатија интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за надминување на проблемите предизвикани од обилните врнежи од дожд што деновиве го зафатија охридскиот регион.

Поради настанатата состојба, денеска беше одржан состанок на Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид, на кој присуствуваа претставници од јавната администрација, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, јавните претпријатија, Противпожарната единица и другите надлежни институции. На состанокот беа мапирани критичните точки и беше изготвен план за итно дејствување и ангажирање дополнителни екипи на терен.

Како што информира градоначалникот Кирил Пецаков, најголем проблем претставува излевањето на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини.

„Предизвикано е излевање на Коселска Река на повеќе локации, при што се поплавени куќи, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата ‘Гоце Делчев’, во близина на Здружението на возачи, како и на потегот кај селото Орман, каде што е поплавена поголема површина“, изјави Пецаков.

Поплави се евидентирани и на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача. На терен се ангажирани сите расположливи капацитети на општинските јавни претпријатија, а интервенциите се одвиваат со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици.

Општина Охрид упатува апел до граѓаните да избегнуваат движење низ ризични подрачја со зголемено ниво на водата и навремено да пријавуваат критични состојби до надлежните служби.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани