Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, утре 13 јуни, започнува Ипа вело викендот „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“ во чии рамки, во сабота (14 јуни), ќе се одржи рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда. Овој спортски настан, се одржува по деветти пат а главната цел е актуелизирање на ИПА иницијативата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга како и вело конекција Охрид-Св.Стефан, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека.
Овие проекни иницијативи, имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот. На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целот крајезерски регионот во целина, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа и ќе бидат причина плус за зголемен број на туристи на ривиерата. Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување на Охрид со Струга Охрид-Св.Стефан, да станат реалност.
Утре во 19.30 часот, на градското пристаниште во Охрид ќе можат да ги подигнат своите ИПА сетови а стартот на рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда е во сабота во 08 часот од градското пристаниште во Охрид. Од крстосницата „Распаќе“ на булеварот „Туристичка“, вело трасата ќе води по една коловозна лента од автопатот во изградба се до поранешниот ресторан „Коцаре“ каде ќе има вклучување по стариот пат Охрид-Струга, покрај брегот на Охридското езеро. Во 08.45 кај „ЕВРО ХОТЕЛ“, е предвидена средба на охридската со струшката вело група а потоа, заеднички ќе се вози низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до преубавата Радожда. По краткото дефиле тука, предвидена е кафе пауза во угостителскиот објект „Динга“, наш ИПА пријател од каде се пружа неповторлив поглед кон езерските синила и планинската убавица Галичица. Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување.
