Кога срцето е посилно од километри: Од Струга до Свети Наум и назад за Роман

Повеќе од сто километри под летното сонце, но со една единствена цел – да потсетат дека најголемите битки не се оние на спортските патеки, туку оние што секојдневно ги водат децата со тешки здравствени предизвици.

Стружаните Антонио Пандовски и Нела Стојанова го реализираа хуманиот предизвик, трчајќи од Струга до Свети Наум и назад, во чест на малиот Роман – момче кое, и покрај петте тешки дијагнози, со неверојатна сила и истрајност повторно застана на свои нозе. По сложена операција и долга рехабилитација со роботска технологија, Роман неодамна по третпат во животот успеа самостојно да прооди.

Пандовски ја истрча целата исклучително тешка делница, а на делови од патеката му се придружи и Нела Стојанова, испраќајќи силна порака дека спортот има моќ да ги обедини луѓето околу вистинските вредности. Целта на овој подвиг не беше собирање средства, туку подигнување на јавната свест за важноста на емпатијата, поддршката и прифаќањето на децата и лицата кои живеат со сериозни здравствени предизвици.

„Кога мотивот е Роман, тогаш и најтешката патека станува полесна. Се надевам дека ќе ги охрабриме родителите гласно да зборуваат за болестите на своите деца, а кај сите останати ќе ја разбудиме емпатијата за да создадеме похумано општество“, порача Стојанова по завршувањето на предизвикот.

Поддршка даде и градоначалникот на Струга, Менди Ќура, кој истакна дека ваквите иницијативи потсетуваат оти здравјето е најголемото богатство, а солидарноста и заедништвото се сила што може да им го олесни патот на оние кои секој ден се борат за подобар живот.

Минатата година Роман беше дел од „Дрим Ран“, а и оваа година повторно ќе застане на стартната линија. Неговата насмевка е доказ дека понекогаш најголемата победа не е да се стигне прв до целта, туку да не се откажеш – без разлика колку е тежок патот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани