Во ресторанот „Туто“ во село Јанче, Општина Маврово-Ростуше, пред голем број жители, мештани од дијаспората и гости од Реканскиот крај, беше промовирана втората поетска збирка „Корени и светлина“ од македонската поетеса од дијаспората Сара Оручи Мемедовска. Книгата е посветена на нејзините деца Алберт и Хана.
Сара Оручи Мемедовска е македонска писателка, родена во Дебар, со потекло од Реканскиот крај. Раното детство го поминува во Македонија, а подоцна се преселува во Италија, каде што се образува и се формира како личност. Животот меѓу различни културни и јазични средини значајно го обликува нејзиниот книжевен сензибилитет и творечки израз.
Во своето творештво таа негува силна поврзаност со сопствените корени, истовремено градејќи мост меѓу македонската и италијанската култура. Авторка е на литературни проекти и творби во кои се преплетуваат темите на идентитетот, културната припадност и животното искуство.
Денес живее во Минхен, Германија, каде што, покрај професионалната дејност и семејните обврски како сопруга и мајка на две деца, активно се посветува на литературното творештво. Нејзината работа претставува спој на личното искуство, културната меморија и современиот книжевен израз.
Минатата година ја објави првата поетска збирка „Ехо од далечините“, а „Корени и светлина“ е нејзината втора книга.
Промотор на збирката беше истакнатиот писател, поет и публицист, вевчанецот Мишо Китаноски, кој, меѓу другото, истакна:
„Корени и светлина“ не е само поетска збирка, туку интимно патување низ најдлабоките човечки чувства. Во нејзините песни љубовта, болката, надежта, семејството, верата и татковината се преточени во универзални пораки што допираат до секој читател. Со искрен, топол и ненаметлив поетски израз, Сара Оручи Мемедовска ја претвора личната емоција во книжевно сведоштво за човечката ранливост и силата на духот.

„Ова е книга што не бара само да биде прочитана, туку и доживеана. Таа нè потсетува дека човекот останува исправен сè додека ги чува своите корени и верува во својата светлина. Токму во таа едноставна, но длабока порака се крие трајната вредност на ова поетско дело. „Корени и светлина“ е книга на тишината, но и на надежта, книга на зборови што долго остануваат во мислите и во срцето на читателот“, истакна Китаноски.

Презентерка на културниот настан беше истакнатата македонска актерка Снежана Конеска, која читаше песни од книгата. Стихови интерпретираше и нејзиниот сопруг Тамер.
На крајот од промоцијата пред присутните се обрати и авторката Сара Оручи Мемедовска, која истакна дека книгата е посветена на нејзините деца Алберт и Хана.
„Оваа книга е посветена на моите деца Алберт и Хана, на животот што се раѓа од чиста љубов, на љубовта што нема почеток ни крај. Вие му дадовте длабочина и смисла на моето постоење. Јас ви оставам корени и спомени што времето нема моќ да ги исуши“, порача авторката.
На промоцијата присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, кој беше присутен од самиот почеток на настанот.
Дружењето продолжи со потпишување на книгата, при што авторката им посвети примероци на посетителите. Промоцијата заврши со коктел и дружење со присутните.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
